Информации

Судиите ќе тужат за додатоците на плата, судската администрација ќе штрајкува поради мали плати

објавено:


Над 500 активни и уште околу 200 пензионирани судии, ќе ја тужат државава, барајќи да им се исплатат ретроактивно додатоците на плата, кои им следувале, но не им биле исплатувани за последните три години

Пишува: Саше Димовски

 

Ваквата најава за тужби од судиите следува по одлуката на Судскиот буцетски совет да им додели надомест за месец ноември 2018 година на 510 судии, а минатата недела, ова одлука да се прошири и за уште два месеца наназад. Секој судија, според одлуката на Судскиот буџетски совет, добива по 21.000 денари како надомест на платаа, или вкупно, на месечно ниво за оваа намена се исплатени околу 175 илјади евра, или над 525 илјади евра за трите месеци. Додадтоците на плата, според Судскиот буџетски совет, се исплатени откако биле обезбедени средства во Судскиот буџет.

Но, ако одлуката за исплата на надомест на плата за судиите предизвика револт кај судската администрација, кај власта ја запали сијалицата, па се тврди дека одлуката да им се исплатат пари и на членовите на Судскиот совет (13 на број, кои во моментов не се судии, а некои од нив никогаш и не биле судии) е незаконска, бидејќи нив не ги опфаќа законот.

Министерката за правда, Рената Тренеска-Дескоска, која по функција е член на Буџетскиот совет, јавно обвини дека Одлуката за определување надоместои на плата за членовите на Судскиот совет е незаконска.

На последната седница на Советот за реформи на правосудството, одржана минатата недела, министерката Дескоска остро ги нападна претседтелите на судовите кои се членови и на Судско-буџетскиот совет и на Советот за реформа, дека донеле незаконска одлука и дека за таква одлука може да завршат во затвор. Се создаде непријатна ситуација, поради директното обраќање на министерката кон судиите – открива член на Советот за реформи во правосудството.

Претседател на Судскиот буџетски совет е Зоран Караџоски, претседател и на Судскиот совет, а членови се претседателите на четирите апелациони судови и на четири основни судови (по азбучен ред и по систем на ротација), министерот за правда, како и претседателите на Врховниот и на Управниот суд. За одлуката гласале другите присутни членови, со исклучок на Караџоски, тврдат извори од Судскиот буџетски совет.

Но, бидејќи одлуката е потпишана од него како претседтел на Буџетскиот совет, синдикатот на УПОЗ најави кривична пријава против Караџоски, а Обвинителството отворило предмет по допрен глас за да утврди дали со одлуката е нанесена штета на Буџетот.

Обвинителството ќе ја испитува основаноста на донесените одлуки за исплата на додатоци на плата за членовите на Судскиот совет и извршената исплата. Надлежниот јавен обвинител истражува евентуална кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување и нанесена штета на Буџетот на Р. Македонија со исплата на додатоците кои не се пропишани со Законот за плати на членовите на Судскиот совет – соопшти ОЈО Скопје.

За синдикатот на УПОЗ, одлуката за ретроактивна исплата на средства за месеците септември и октомври и веќе исплатените за ноември, е скандалозна и незаконска и најавуваат штрајк.

Синдикатот на УПОЗ и Здружението за судска администрација, на заедничкиот состанок во врска со случувањата во судовите и одлуката на Судскиот буџетски совет за додатоците на плата на судиите за 35% и нееднаквиот третман на судската служба во однос на судиите, одлучија дека доколку наредниве денови не се најде конечно решение за судските службеници, ќе го искористат правото на штрајк, се вели во соопштението на УПОЗ.

Најпогодени од нееднаквиот третман се вработените во судовите, кои носат голем дел од работата, а нивните плати не достигнуваат ни колку судското зголемување од 21.000 денари.

Имам стаж од 30 години како записничар, дактилограф и работам со судија. Знам и да сослушам странка/сведок, да направам записник, да средам пресуда, да испратам покани, едноставно го водам цел предмет, а платата, со сите додатоци на стаж и кариера едвај ми достигнува до 18 илјади денари. Јас немам против судиите да имаат разни додатоци, само бараме тоа да се однесува и на нас – вели судска службеничка вработена во Основниот суд Скопје 1.

Таа и нејзина колешка, со која разговаравме, бараат анонимност, бидејќи уште ги чувствуваат последниците од „гласниот штрајк“ во 2016 година, кога штрајкуваа 60 дена и останаа без плати за тој период.

Дел од средно-техничкиот кадар – дактилографки, службеници на шалтер или одделенија, успеале со тужби да остварат плата и околу 24 илјади денари, колку што се платите на стручните соработници, откако завршиле високо образование и со тужби побарале корекција на платите.

Во законот има една одредба која дозволува зголемување на платите за одреден број на поени доколку вработениот, независно на која работна позиција работи, во меѓувреме завршил дополнителна стручна подготовка. На овој начин, со тужби дел од вработени во скопските судови, иако работат како дактилографки имаат плата од 24.000 денари – открива судија кој постапувал по тужби.

Во текот на 2017 година судовите се соочија со проблеми во имплементацијата на Законот за судска служба и Законот за вработените во јавниот сектор, со што се наметнува потреба за усогласување на овие два закона. Во 2017 година и покрај барањата на судовите за унапредување на повисоки работни позиции на вработените во судската власт, не беа обезбедени согласности од Министерството за финасии по наведениот основ – констатира Судскиот буџетски совет.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, потсетува дека во 2016 година кога судските службеници штрајкуваа 60 дена, имаа две барања од кои едното беше измена на Законот за судска служба во делот на додатоците на плата.

Но, наместо тоа, состојбите кулминираа сега по донесување на одлуката на Судскиот буџетски совет за зголемување на додатоците на плата на судиите за 35% и тоа кога само ден пред тоа на средба со министерката за правда беше договарано нешто сосема друго, односно враќање на незаконски одземените пари за време на штрајкот во 2016 година – вели синдикалниот лидер на УПОЗ..

Финансирањето на судството се одвива преку Судско-буџетскиот совет, а со средства од Буџетот наменети за делот судска власт. Во овие пари не влегува функционирањето на Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, Бирото за застапување пред Европскиот суд, Јавното обвинителство и Државниот правобранител, кои се посебни буџетски корисници.

За 2018 година, во Буџетот биле планирани 1, 94 милијарди денари (31,5 милиони евра) за судството.

Предлог-буџетското барање на судската власт за 2017 година изнесуваше 2,7 милијарди денари, вклучувајќи ги средствата наменети за финансирање на работењето на програма: судска администрација и средствата наменети за Академијата за судии и јавни обвинители. Одобрениот буџет за 2017 година не беше доволен за обезбедување средства за потребите на судската власт. Процентот на реализација на судскиот буџет за 2017 изнесуваше 98,38% и бележи пад во однос на претходните години кога процентот на реализација е над 99% – констатира Судско буџетскиот совет за последниот календарски реализиран Буџет за 2017 година.

Гледано по години, во последнава деценија, за судовите биле распоредувани пари на следниов начин:

Колку за споредба, износ од 1,845 милијарди денари е еднаков на 30 милиони евра. Ова значи дека средствата за судството годишно изнесуваат нешто под овој износ од 30 милиони евра со години наназад и доколку овогодишната проекција од 1,936 милијарди денари се оствари, судството за првпат ќе ја надмине оваа граница од 30 милиони евра и неговиот буџет ќе изнесува 31,5 милиони евра. Инаку, во периодот од 2009 година до 2017 година, зголемувањето на судскиот буџет изнесувало само 1,4 милиони евра или 5,05%. Во тој период од 9 години инфлацијата во Македонија беше четирикратно повисока.

Согласно систематизацијата на судиски места, во Македонија потребни се 636 судии, а сега има 510. На ниво на судска власт судовите имаат систематизирано 4.472 работни места за судската служба, но на крајот на 2017 во судовите работеле 2.278 лица, или 50,94 % од потребниот број вработени.

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.