Информации

Чета полицајци се уште ја обезбедува судијката Кацарска, која досуди 2 години затвор за Груевски

објавено:


Полицајците кои ја обезбедуваат 24 часа на ден судијката Добрила Кацарска, почнале да реагираат и да бараат да бидат заменети, бидејќи рокот за обезбедување кој првично им бил најавен до објавување на пресудата, постојано се оддолжувал, а засега не била забележана никаква реална опасност.

Сведок дознава дека дневно, само во судот се ангажирани по 4 полицајци кои седат на катот каде што е канцеларијата на Кацарска и внимаваат на секој што ќе влезе кај неа. Судската полиција прави контрола на влезот, а полицајците од МВР прво го најавуваат тој што ќе дојде па да може да влезе.

Поради дополнителна безбедност, на катот во судот била поставена и камера која го регистрира секое движење кон канцеларијата на судијкта Добрила Кацарска.

-Поради ова, кај неа ретко влегува и некој од судот, освен службеникот што работи со неа, но и претходно немала комуникација и дружење со судии, па во поглед на фрекфенцијата и немало голема разлика - раскажуваат полициски извори за Сведок.

Вистинска драма се случила пред извесно време, кога судијката Кацарска снемала интернет во канцеларија. Таа веднаш се јавила во МВР, кај одговорниот на групата што ги командува полицајците, па сомневајќи се дека станува збор за саботажа веднаш почнале да прегледуваат камери и да гледаат во евиденција кој полицаец бил на смена.

Имало наредба ниту еден полицаец кој бил претходно во обезбедување на Никола Груевски или со други личности од партијата, да не биде ставен во екипата за обезбедување на судијката.

Попладне и ноќе, од надлежната полициска станица во судот биле испраќани млади полицајци кои дежурале во ходникот на судот пред канцеларијата на Кацарска.

Дополнителни тимови, како тие што го обезбедуваат станот на обвинителката Фатиме Фетаи, биле распоредени во патроли да го чуваат станот во Центар и куќата во Карпош на Добрила Кацарска.

Дел од полицајците на кои им „пукнал филмот“ од дремење без потреба, побарале и добила одобрение да го напуштат тимот и да се вратат во единицата „Алфа“ или во Единицата за Јавен ред и мир, од каде што биле повлечени за обезбедување.

-Неиздржливо е, судијката доаѓа во 7 сабајле и останува навечер до 21, кога судеше и до 22 часот. Ние сме цел ден во судот и затоа бараме да не тргнете од тука - биле дел од забелешките на полицајците кои побарале смена од кај Кацарска.

Обезбедување за Кацарска побара Иван Џолев, претседател на судот, иако до денеска нема информации за некаква реална закана, по објавата на пресудата за случајот „Тенк“ во кој, на две години затвор го осуди екс премиерот Никола Груевски.

Судеше и во „Поткуп“, а се споменуваше како најсериозен кандидат за претседтел на скопска апелација, но според последните информации тие шанси и се сведенни на минимум.

Кај неа е и предметот за настаните од 27 април во Собранието, кој почнува во втората половина на август, и за кој предмет, според полициски извори сигурно ќе биде продолжено времето на полициска заштита.